Психолошка исцрпеност

Често ние или луѓето од нашето опкружување даваат изјави: 

  • Постојано се чувствувам уморен/а иако имам добар сон
  • Денот ми поминува како низа магла
  • Не се чувствувам среќен/а како порано иако ништо лошо се нема случено
  • Неможам да се сетам на  „обични работи“во текот на денот  итн.

Кога личноста долгорочно е изложена на стрес и притисок со постојано чувство на преоптовареност таа се изморува. Тоа не е физички замор кој поминува само со добар одмор и квалитетен сон туку е ментален и емоционален замор кој се чувствува длабоко во нас. 

Оваа состојба на долготраен ментален и емоционален замор, каде личноста не си дозволува доволно одмор и психолошко растеретување доведува до психолошка исцрпеност. 

Таа не се случува одеднаш туку постепено со трошење на внатрешните ресурси на човекот. Менталната исцрпеност не е знак на слабост, напротив таа укажува дека многу долго време личноста била активна со целиот свој потенцијал. Кога сме психички уморни не е уморно нашето тело туку е уморен нашиот мозок. Тоа е сигнал кој ни го дава нашиот систем дека треба нешто да промениме.

Затоа психолошката исцрпеност најчесто им се случува на луѓето кои што функционираат на високо ниво на одговорност, ангажираност и посветеност. Најчесто опфатени категории се:студентите кои имаат испити, родители на мали деца, луѓе кои се грижат за нивните возрасни родители, луѓе кои се соочуваат со хронични болести, професионалци кои се на раководни позиции, луѓе кои работат две работи, луѓе со голема амбиција и развиен перфекционизам.

Како настанува психолошката исцрпеност

На сите нас во одреден период од животот ни е познато ова чувство. Периодите кога едноставно не „застануваме“. Toa може да биде професионално, семејно, социјално, лично ангажирање кое трае долго време. Поставени се цели пред нас кои сакаме да ги оствариме, предизвици кои треба ние да решиме, очекувања кои чувствуваме дека траба да ги оправадаме пред себе или пред другите. На когнитивно ниво сме постојано насочени кон решавање проблеми, донесување одлуки, развивање на стратегии додека на емотивно ниво постојано се саморегулираме и ги оставаме емоциите за подоцна. Недостасува грижата за нас самите. Оваа состојба на долготрајна психичка мобилизација на ресурсите  доведува до појава на симптомите на психичка исцрпеност. Психичката исцрпеност ретко се манифестира само на едно ниво. Најчесто таа истовремено влијае врз начинот на размислување, емоционалното доживување и телесното функционирање. Оттука и смптомите се делат на три групи:

  • Когнитивни симптоми-намалена концентрација, забавено размислување, тешкотии во помнењето, потешкотии во донесување на одлуките, чувство на ментална магла, самокритичност итн.
  • Емоционални симптоми-емоционална исцрпеност, чувство на преоптовареност и дека се е “премногу“, зголемена раздразливост, намалена способност справување со стресни ситуации, емоционална преосетливот или отупеност, чувство на вина итн.
  • Физички (психосоматски) симтоми-хроничен замор, главоболки и чувство на пртисок, мускулна напнатост, нарушување на сонот, дигестивни проблеми, срцебиење, ослабен имунитет итн.

Психичката исцрпеност останува непрепозната како состојба се додека не се појават симтомите. Препознавањето на симптомите е првиот и најважен чекор кон промена и подобрување на менталното и телесното здравје.

Како се надминува психолошката исцрпеност

За да се надмине психолошката исцрпеност важно е да се има стратегии кои даваат моментално олеснување во текот на денот и долгорочни стратегии за спреавување со стресот. Она што е најважно за почеток е свесноста за забавување, промена на начинот на фунционирање и грижа за себе. На овој начин ќе може да го зачуваме и подобриме квалитетот на психолошките ресурси.

  • Со прифаќање и признавање на оваа состојба си даваме простор на себе за промена и одмор. Не само физички одмор, туку и ментално оддалечување (пауза) во текот на денот која е многу ефикасна стратегија.
  • Повторно поставување на лични граници кон себе и кон другите ја намалува нашата листа на задачи кои треба да ги исполниме. Поставувањето на граници без чувство на вина ја намалува нашата психолошка исцрпеност.
  • Промена на животниот стил и секојдневното функционирање е извор за обнова на нашата ментална свежина. Тоа подразбира поголема физичка активност, здрава и балансирана исхрана, доволно сон, следење хоби или пасија за одредена активност, правење листа на приоритети во текот на денот, социјална дружба и поддршка.
  • Грижа за себе и за сопственото ментално здравје кое вклучува регулација на нервниот систем со техники за дишење, мускулна релаксација, внимателност (mindfulness), медитација и физичка активност. Промена на мисловните обрасци “морам да го направам тоа“, “се зависи од мене“ „треба се да биде најдобро“,  “не смеам да погрешам„ и сл. со пофлексибилни мисли кои значително ќе го намалат когнитивниот и емоционалниот притисок. 
  • Барање и прифаќање на поддршка од најблиските не сигнализира слабост туку заштита и грижа кон нас самите која сакаме и можеме да си ја дозволиме. На овој начин си даваме простор за позитивна промена наспроти издржување на се она што ни се случува.

Доколку чувствувате дека психолошката исцрпеност трае подолго време и се повеќе е присутна во вашето секојневие, разговор со стручно лице е правилен чекор кон справување и надминување на оваа состојба.

Напишете коментар